Дијаспората претставува можност за промоција на културата, образованието и изградба на мостови за соработка меѓу државите

09 јули 2018

Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска, оствари средба со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, г-дин Карло Ромео.

Министерот Адеми за време на разговорите опширно го информираше соговорникот со активностите на неговиот Кабинет околу Националната стратегија и основните столбови за соработка со дијаспората во повеќе области од нејзин интерес.

Имајќи во предвид големото присуство на дијаспората по потекло од Македонија во Италија, се нагласи дека истата претставува добра можност за изградба на мостови за соработка од повеќе области пред се во економијата, културата, образованието и  инвестициите.

Министерот Адеми најави дека во септември оваа година ќе ја посети Италија и побара средби со соодветни институции во Владата и министерството за надворешни работи на Република Италија.

Амбасадорот Ромео изрази интерес за актуелните активности на Владата на Република Македонија во процесите на НАТО и евро-интеграциите за коишто ја истакна целосната поддршка на Владата на Република Италија, за членството на Р. Македонија во НАТО и ЕУ.

Воедно, нагласи дека оваа недела во Брисел на Самитот на НАТО, Македонија ќе добие покана за членство при што процесот на зачленување ќе заврши во предвидениот рок.

За време на разговорот, меѓу другото, стана збор и за повеќе актуелни состојби во регионот и пошироко во светот.

Macedonian