Потпишан договорот за взаемно признавање на возачките дозволи со СР Германија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на СР Германија Томас Герберих денеска во Скопје ја потпишаа заедничката декларација меѓу македонското МВР и германското сојузно министерство за транспорт и дигитална инфраструктура,за олеснување на постапките за меѓусебна замена  на возачките дозволи на граѓаните од Република Македонија и Сојузна Република Германија.

- Денешниот ден е многу значаен затоа што потпишуваме долгоочекуван договор, договор за кој најдовме начин да ги завршиме преговорите и да го потпишеме. Знаете дека овој процес на разговори трае многу долго и навистина сум среќен што успеавме за една година да ги отстраниме сите пречки кои што беа за да се склучи еден ваков договор- рече министерот Оливер Спасовски денеска одговарајќи на новинарско прашање за овој договор.

Овој процес со години беше заглавен во лавиринтите на меѓусебното нормативно усогласување помеѓу  надлежните служби на Република Македонија и СР Германија, без надеж за успешно решавање на отворените прашања. Граѓаните со право беа нестрпливи, затоа што со години  им беа давани празни ветувања, рече Спасовски, но од денес, со потпишувањето на Декларацијата,  ќе им  овозможиме на нашите граѓани, од двете пријателски земји, да ги користат бенефитите од меѓусебното признавање на возачките дозволи.

Такви и слични договори веќе имаме со повеќе европски земји како  Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Чешка, Унгарија, Австрија, со  земјите од регионот - Србија, БИХ, Албанија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, а во завршна фаза се договарањата со Турција, Велика Британија, соседно Косово, како и Австралија и Нов Зеланд.

Macedonian
АКТУЕЛНОСТИ: