РЕАКЦИЈА НА ПИСМОТО НА ФОРУМ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА

Почитувани,

Министерот за дијаспора во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, и кабинетот на министерот, жалат за ваквата одлука на Форумот за Демократска Македонија да се повлече од работната група за Стратегијата за соработка со дијаспората, и истата ја сметаат за избрзана. Од тие причини, оставаме отворена врата за соработка во иднина. 

Работната група за Стратегијата која беше формирана кон крајот на Ноември 2017 , а во која беа вклучени над 10 институции на државата кои имаат надлежности за прашања кои се важни и за дијаспората,  организации од дијаспората, вклучително тука и ФДМ, како и индивидуалци-експерти, и секако со меѓународна поддршка за процесот преку Меѓународната Организација за Миграции (IOM), организација која има огромно искуство во регионот за прашања врзани за дијаспората. 

Сите членови на работната група, поединечно, и колективно, дадоа огромен придонес кон овој процес, вклучително и претставниците на ФДМ кои беа вградени во овој долг, но важен процес, и затоа сме благодарни.

Република Македонија, многу скоро, за прв пат од својата независност ќе добие Национална стратегија за соработка со дијаспората. Стратегијата е стратешки документ кој ги поставува темелите на една идна долга и веруваме успешна соработка, истовремено зајакнувајќи ги врските меѓу матичната земја и дијаспората. 

Исклучително важните политички процеси кои изминативе неколку месеци се одвиваа во Република Македонија, а кои го отворија патот кон полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, во еден сегмент се однесуваа и на дијаспората.

Со изгласувањето на Уставните измени во Собранието, дијаспората станува Уставна категорија, што е уште дополнителен аргумент, дека оваа Влада, е решена навистина да гради мостови на соработка и зајкнување на односите со нашата дијаспора. 

Да, овој важен политички процес, влијаеше и на динамиката на работата на групата за Националната стратегија, но имајќи ја во предвид тежината на процесот, ниту Министерот, ниту кабинетот не сакаа, и не можеа да си дозволат да водат индивидуална агенда. Ќе беше политички неодговорно према иднината на државата. Веруваме дека претставниците на ФДМ, како силни поддржувачи на евро-атлантските интеграции и демократските реформи во Република Македонија, тоа многу добро го разбираат и го ценат.

Веруваме дека низ разговор и дијалог, целосно ќе Ви докажеме дека процесот бил транспарентен, инклузивен и професионален. Секако, имајќи во предвид дека се работи за еден сложен, стратешки и хоризонтален документ каде што се вклучени огромен број на чинители, не исклучуваме можност дека се направени некои пропусти.  

Без да навлеземе конкретно да ги објаснуваме сите чекори кои водеа до финалниот документ на Националната стратегија, кога почнавме со работа на текстот на истиот заклучивме дека сакаме документ кој ќе биде реален и кој ќе може да се имплементира. 

Во минатото Република Македонија имала многу стратешки документи од различни области кои останале само на хартија.  Таквите документи биле повеќе список на желби, отколку што можеле реално да се имплементираат. 

Затоа, рековме дека сакаме документ кој ќе ги одразува реалните потреби, и секако можности за нивна имплементација. Со Акцискиот план е предвидена и ревизија на Стратегијата во 2021, се со цел низ инклузивен процес и дијалог да се утврдат сите недостатоци, и да се имплементираат препорачаните корекции, доколку се неопходни.

Дека овој документ, кој Владата ќе го усвои на некоја од наредните седници, е реален, покажува и фактот дека еден дел од активностите се реализирани веќе во 2018 година. Така на пример: Се прават постојани напори со соодветните институции за унапредување на постапката за учество на дијаспората во изборниот процес преку поефикасен начин на гласање во ДКП; Во неколку општини на територијата на Република Македонија веќе се формирани и општински канцеларии за соработка со дијаспората; Усвоен е Закон за финансиска поддршка на инвестициите каде за прв пат јасно е утврдена дополнителна финансиска помош за инвеститори од дијаспората; Воспоставени се нови авионски линии за дестинации каде Република Македонија има своја дијаспора; Се прават постојани напори за унапредување на наставата по мајчин јазик за децата во дијаспората; и други активности кои се веќе реализирани.

Сосема на крај, уште еднаш изразуваме жалење за ваквата одлука, со надеж дека  ФДМ ќе ја преиспита истата, и ќе учествува во имплементација на активностите предвидени со Стратегијата.

Како што и констатира претходно, ФДМ има одлични односи и комуникација со Министерот Едмонд Адеми. Притоа, ФДМ потврди дека со неговата работа за овие 18 месеци од кога е на фунцијата министер за дијаспора, Министерот Адеми ги продлабочил врските меѓу матичната земја и дијаспората. Ве уверуваме дека Министерот ќе продолжи така да делува и понатаму, и остануваме целосно отворени за соработка со сите организации на дијаспората по потекло од Република Македонија.

 

Со почит,

Кабинет на министер задолжен за дијаспора

 

Скопје, 28 јануари 2019 година

Macedonian
АКТУЕЛНОСТИ: