Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми и директорот на агенцијата за иселеништво Шалваринов во работна посета на Словенија и Италија

Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспората, г. Едмонд Адеми, од 11 до 17 септември 2018 година, во придружба на директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, Никола Шалваринов, ќе престојува на работна посета на Република Словенија и Италијанска Република.

За време на работната посета на Република Словенија, од 11 до 13 септември 2018 година, министерот Едмонд Адеми ќе оствари официјални средби на највисоко ниво, на 12.09.2018 година, со претседателот на Република Словенија г. Борут Пахор и со претседателот на Националното Собрание на Република Словенија г. Дејан Жидан.

 За време на разговорите со највисоките претставници на Република Словенија ќе стане збор за билатералните односи меѓу двете пријателски земји, натамошниот развој на односите во повеќе области од взаемен интерес, интеграциските процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и актуелните политички состојби во нашата земја, особено околу динамиката за подготовките за одржувањето на референдумот во нашата земја и други прашања од регионот и пошироко во светот.

За време на престојот на министерот Адеми во Република Словенија, ќе се реализираат и средби со претставници на здруженија и асоцијации на дијаспората од Република Македонија во градовите Љубљана и Копер.

За време на работната посета во Италија, од 14 до 17 септември 2018 година, министерот Едмонд Адеми, ќе ги посети Трст, Тревизо, Бреша, Пијаченца у други градови и ќе оствари средби со претставниците на здруженија и асоцијации на македонската дијаспората во Северниот дел на Италија.

Министерот Адеми во Трст,  ќе учествува на настанот „Европски дијалог и земјите од ЈИЕ” при што ќе им се обрати на присутните на тема: „Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција околу името, ЕУ и НАТО интеграциите и меѓунационалните односи во нашата земја“.

Воедно, министерот Адеми во Словенија и Италија ќе има средби и со локалните власти и други видни личности од повеќе области, се со цел унапредување на врските на  нашите претставници на дијаспората и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во овие две пријателски земји. 

Macedonian
АКТУЕЛНОСТИ: