Средби на министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми во Обединетото Кралство

25 октомври 2017

На 25 октомври, среда, министерот во Владата на РМ, задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, оствари низа средби во Обединетото Кралство. 

Министерот Адеми оствари средба со Директорката за проширување за југоисточна Европа, Фиона Мекилхам, на која министерот доби недвосмислена поддршка во процесот на реализирање низа активности и решавање на проблеми по однос на прашањето на дијаспората, како и започнување на процесот на изработка на Национална стратегија за соработка со дијаспората.

Дополнително, министерот Адеми оствари средба и со градоначалникот на Вондсворт, Лесли Мекдонел. Во Вондсворт, една од 32-те општини во Лондон, живеат преку 2500 граѓани на Македонија. Начелно беше договорено општината да помогне да се обезбедат простории за реализација на активностите на Асоцијација на Македонците во Обединетото Кралство (АМУК).

Министерот Адеми оствари посета и на Литлхамптон, каде се сретна со граѓани на Македонија кои живеат и работат во Обединетото Кралство. На средбата министерот Адеми ја образложи досегашната работа на Владата на РМ и ги слушна главните проблеми со кои се соочува нашата дијаспора, се со цел превземање на низа чекори за нивно постепено решавање.

Денес, министерот Адеми ќе ги продолжи своите работни активности во Обединетото Кралство. Првично, министерот Адеми ќе оствари средба со министерот „во сенка” за Европа во Лабуристичката партија, Калид Махмуд, а потоа ќе ја посети изложбата на теракоти од Виница во музеј во Оксфорд. На крајот на работниот ден министерот Адеми ќе оствари средба со претседателите на здруженијата на државјаните на РМ во Обединетото Кралство.

Macedonian
АКТУЕЛНОСТИ: