КРАЛСТВОТО НОРВЕШКА И ГРАДОТ ОСЛО ПРИМЕР ЗА ПОЗИТИВНА ИНТЕГРАЦИЈА НА НАШАТА ДИЈАСПОРА
Министерот задолжен за дијаспората во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми, престојува на работна посета на Кралството Норвешка, при што денес се сретна со градоначалникот на Осло, г-ѓа Мариане Борген.
На средбата се истакна добрата билатерална соработка помеѓу двете земји и беше потврдена посветеноста на двете страни за натамошно градење на блиски и пријателски меѓусебни oдноси.
Министерот Едмонд Адеми, упати честитки до градоначалникот на Осло, г-ѓа Мариане Борген за престижната титула на европскиот зелен град за 2019 (European Green Capital) доделена од страна на Европската комисија на градот Осло, при што се укажа потребата за размена на знаења и искуства од општината на градот Осло со цел да се постигнат слични видливи резултати и во Република Северна Македонија, а посебно во градот Скопје.
Градоначалникот на Осло, изрази подготвеност за соработка со владата на Република Северна Македонија и градот Скопје во насока на подобрување и зајакнување на капацитетите во контрола на загадувањето, управување со опасен отпад, и други активности за реализација на зелен град.
Во разговорите беа разменети и мислења во насока на ангажманот и интеграцијата на дијаспората на Република Северна Македонија во Осло и околина, како и за идни заеднички проекти кои дополнително ќе помогнат во поголема инклузивност и интеграција на нашата дијаспора во нивното општество.
Согласно денешната програма во рамките на работната посета на Краството Норвешка, министерот Адеми, денес, во попладневите часови ќе реализира средба и со претставници на дијсапората на Република Северна Македонија која живее и работи во Осло и околина.