СТРАТЕГИЈА

Воспоставувањето на соработка со дијаспората е комплексен и долгорочен процес со оглед на нејзините особености и досегашните мошне скромни активности во оваа област. Оттаму, Владата на Република Северна Македонија се залага за дизајнирање на сеопфатна, интегрирана и конзистентна Национална стратегија за воспоставување и постојано проширување на  оваа соработка.

 
Стратегијата се темели на следните основни принципи:
•    Почитување на заемниот интерес на дијаспората и на државата - темелен принцип
кој треба дa се базира на партнерство и континуирано градење на довербата помеѓу дијаспората и државните институции;
•    Конзистентност - усогласеност на утврдените политики во рамки на четирите столба на соработката со дијаспората, меѓу себе и со националната политика на Република Северна Македонија кон дијаспората во поширока смисла;
•    Компатибилност - усогласеност на Националната стратегија за соработка со дијаспората со економската, социјалната, демографската и културолошката политика на земјата. Тоа претпоставува проверка на усогласеноста на целите на споменатите политики, ефикасноста на усвоените мерки и континуирано прилагодување на промените во особеностите на дијаспората;
•    Транспарентност - при спроведувањето на одделните политики и севкупната политика за воспоставување соработка со дијаспората во однос на административните процедури и трошењето на финансиските средства, со цел да се осигура доверба и поддршка на дијаспората и на јавноста во земјата;
•    Одржливост - во смисла на дизајнирање, подготовка и следење на имплементацијата на
мерките и активностите на Националната стратегија за соработка со дијаспората, која не треба да зависи од промените во организациските структури;
•    Отчетност - на сите институции и организации надлежни за имплементација на мерките и активностите утврдени во Акцискиот план на Националната стратегија.

Со оглед на особеностите на различните сегменти на дијаспората, како и комплексноста на процесот зa  воспоставување на поширока соработка со неа, при креирањето на Стратегијата, Република Северна Македонија е посветена на создавањето на единствен пристап во оваа област и на заложбата за:

•    Ефикасно и транспарентно управување со процесот на соработка со дијаспората согласно приоритетите на националниот развој, посебно   демографскиот, социо- економскиот и културниот развој на земјата;
•    Почитување на интересите и потребите на дијаспората, заштита на нејзините права согласно националното и меѓународното законодавство и склучените договори со земјите на престој;
•    Јасни и ефективни процедури насочени кон реализација на заемниот интерес на државата и дијаспората, како и за континуирано градење на меѓусебната доверба.

    Основни насоки на делување на Националната стратегија за соработка со   дијаспората:
•    Создавање услови за реална политичка вклученост на дијаспората и остварување на
нејзините граѓански и социјални права;
•    Воспоставување на соработка со дијаспората како дел од севкупниот економски и
социјален развој на земјата, базирана на заемен интерес и економски бенефит;
•    Зголемени активности во областа на образованието и соработката со младите, како
претпоставка за зачувување на нивниот културен идентитет;
•    Идентификување на можности за соработка на научната дијаспора и научните институции во земјата, во функција на унапредување на развојот на земјата;
•    Двонасочни активности во областа на културата и поголема претставеност на културнoто
наследство на дијаспората;
•    Унапредување на националното законодавство и процедурите од значење за
соработката со дијаспората;
•    Постојано прилагодување на соработката со промените и актуелните состојби во земјата
и во дијаспората;     

      Воспоставување механизми за имплементација на Стратегијата.
За  успешна имплементација на Стратегијата неопходно е исполнување на следните
основни претпоставки:
•    Создавање на правни и институционални претпоставки за долгорочна и ефикасна соработка со дијаспората;
•    Континуирано следење на промените во особеностите на различните сегменти на
дијаспората, како и следење на резултатите и влијанието од самите активности како претпоставка за целисходно утврдување и/или модифицирање на мерките и активностите;
•    Поголема вклученост на организациите од дијаспората при конципирањето и реализацијата на Стратегијата;
•    Континуирано градење на довербата со дијаспората;
•  Јавна одговорност на надлежните министерства и други институции/организации во земјата и на организациите во дијаспората за напредокот при исполнувањето на целите и имплементацијата на мерките и активностите;
•  Создавање претпоставки за развој и реализација на индивидуалниот и семејниот потенцијал на претставниците на дијаспората, како и на потенцијалот на локалната заедница, во функција на унапредување на локалниот развој во Република Северна Македонија;
•    Унапредување на националниот капацитет за анализирање, креирање иимплементирање на политиката за соработка со дијаспората, како и следење и евалуација на реализацијата на Стратегијата;
•    Проширување на партнерството со земјите на престој, со регионалните и меѓународните
организации, невладините и други организации, приватниот сектор и другите чинители во однос на соработката со дијаспората;

•  Воспоставување на сеопфатна стратегија за комуникација за развивање на широка поддршка на Националната стратегија на Република Северна Македонија за соработка со дијаспората.
 

 

Macedonian