Говор на министерот Адеми по повод обраќање на тема „Граѓанското општество – мост за соработка со дијаспората“ на јавна трибина

13 април 2018

Јавна Трибина организирана од: Центар за информативна и логистичка поддршка на граѓаните  „НОВ КОНТАКТ“ – МАКЕДОНИЈА

Проект: „Граѓанското општество – мост за соработка со дијаспората“

 

Почитувани присутни,

Пред се, би сакал да се заблагодарам за поканата од страна на проф. д-р. Златко Николоски, како претседател на Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „НОВ КОНТАКТ“ – МАКЕДОНИЈА, да присуствувам и да имам воведно обраќање на овој настан.

Го поздравувам реализирањето на проектот „Граѓанското општество – мост за соработка со дијаспората“ и укажувам на важноста за зајакнување на соработката помеѓу граѓанскиот сектор и организациите надвор од Република Македонија. Сметам дека граѓанскиот сектор има значајна улога во демократските процеси во нашава држава. За една држава силно да чекори напред, неопходен е и силен граѓански сектор. Невладините организации мора да продолжат активно да делуваат во различни сфери, дополнително да ги засилуваат нивните капацитети и да наметнуваат решенија на одредени проблеми кои се од бенефит за државата, но и за граѓаните. По однос на дијаспората, ја поздравувам работата на Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „НОВ КОНТАКТ“ – МАКЕДОНИЈА, и давам силна поддршка во реализација на сите идни активности поврзани со дијаспората. Апелирам и до други граѓански организации своето внимание силно да го насочат кон дијаспората, како нераскинлив дел од оваа држава.

Од друга страна, оваа Влада, преку назначување на министер задолжен за дијаспора, покажа дека има за цел прашањето на дијаспората да го крене на едно повисоко, институционално ниво. Ќе си земам за право да адресирам неколку клучни поенти од мојата работа во изминативе месеци.

Со самото мое назначување за министер задолжен за дијаспора, остварив комуникација со голем број на организации од дијаспората. Дел од нив покажаа самоиницијатива во давањето на идеи, предлози и мерки за дијаспората, а со дел од нив остварив средби при моите патувања надвор од Република Македонија. Поставив принцип на отвореност и можност за соработка со сите реално заинтересирани индивидуалци и организации во Република Македонија и од дијаспората и по тој принцип ќе се водам во текот на целиот мој мандат.

Една од првите работи што ги воочив е непостоењето на стратегија за соработка со дијаспората. Токму затоа, на 24-та седница, одржана на 22.08.2017 година, Владата на Република Македонија ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Национална стратегија за соработка со дијаспората и Предлог заклучоците. Со тоа, практично беше формирана и Работна група за изработка на Националната стратегија.

По однос на истата, накратко би сакал да кажам дека се базира на четири клучни столбови:

  1. ПОЛИТИЧКИ И АДМИНИСТРАТИВНИ АСПЕКТИ – односно, утврдување на правата и обврските во политички контекст на дијаспората, како и систематски пристап кон решавање на административните проблеми со кои се соочува дијаспората
  2. ДИЈАСПОРАТА И ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ – односно, воспоставување на економска соработка со дијаспората
  3. ОБРАЗОВАНИЕ, НАУКА И МЛАДИ – односно, воспоставување на соработка во поглед на образовни мерки и младински политики со дијаспората
  4. КУЛТУРНИ ВРСКИ, КУЛТУРЕН ИДЕНТИТЕТ И КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО – односно, продлабочување на културната соработка со дијаспората

Морам да напоменам дека веќе неколку месеци интензивно се работи на развој на содржината на Националната стратегија и приоритет е во месец јуни истата да влезе во постапка на усвојување од страна на Владата на Република Македонија.

Во текот на целиот овој процес вложуваме напори да ги вклучиме и организациите од дијаспората. Нацрт-структурата на Националната стратегија беше испратена на мислење до сите организации од дијаспората, преку Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Сите аргументирани мислења од страна на организациите се вградени во содржината на Стратегијата.

Дополнително на тоа, во текот на изминативе неколку месеци реализирав посети и имав средби со организации од соседните земји, САД, Обединетото Кралство, Хрватска, Швајцарија, Малта, Словенија, БиХ. На овие средби имав можност да добијам информации за клучните проблеми со кои се соочува дијаспората и истите се многу важен инпут во градењето на Националната стратегија.

Се со цел да помогнеме во решавање на административни проблеми при посетата на Република Македонија од страна на дијаспората, решивме да започнеме со еден пилот проект „Канцеларии за дијаспората“. Во моментов, во постапка е отворање на канцеларија во општина Штип и во текот на оваа година имаме за цел да го прошириме овој пилот проект во уште неколку општини. Овие канцеларии ќе имаат значајна улога во зајакнување на соработката и комуникацијата на дијаспората со матичната земја и општините.

Работевме и на подобрување на економската клима за потенцијалните инвеститори од дијаспората. Досега, инвестициите од дијаспората не постоеја како посебна категорија, но како што е утврдено во новиот Предлог на Закон за финансиска поддршка на инвестициите, за првпат, финансиска поддшка ќе добијат и инвеститорите од дијаспората. Во моментов, Предлог на Закон е доставен до Собранието на РМ.

На крајот на моето обраќање сакам да ја информирам јавноста дека во функција е нова веб страна, www.diaspora.gov.mk, на која ќе бидат објавувани сите активности, настани, мерки, кои јас и мојот кабинет тековно ги реализираме, а се од интерес за дијаспората.

Видео од обраќањето на министерот Адеми

Macedonian
АКТУЕЛНОСТИ: