Говор на министерот задолжен за дијаспора, д-р. Џемаил Чупи со кој ја отвори обуката за ориентација во работните активности на „Центрите за дијаспора„ на локално ниво
Почитуван министер на МИОА, г. Адмирим Алити, почитувани претставници на државните институции, генерални директори, почитувана претставничка на ИОМ од регионалната канцеларија во Виена, г-ѓа. Марија Александра Басерман, гости и учесници, ве поздравувам!
Со задоволство денеска го отворам овој настан, кој сметам дека е од големо значење за сите нас и ќе послужи не само како вовед во соодветната тема и ориентација во работните активности на центрите на дијаспората од теоретски аспект, туку верувам дека дури и во пракса ќе се покаже како добра можност за зајакнување на институционалните капацитети и насочување на потенцијалот на учесниците на централно и локално ниво заради заеднички придонес кон понатамошно меѓуинституционално вмрежување и континуирано координирано дејствување во корист на нашата дијаспора.
Секако дека како општество кое се стреми да ги следи во чекор развиените европски земји, треба да умееме и соодветно да се соочуваме со пречките на патот на прогресот и да се обидеме да ги решаваме актуелните проблеми со визија за долгорочни резултати при што нашите заложби нема да бидат врзани со рокот на мандатите на било која политичка функција, туку и понатаму да продолжат да бидат насочени кон продуктивност и напредок во секоја област поединечно вклучувајќи го и нашиот конкретен проект.
Мојот кабинет, како одговорна канцеларија за поддршка на дијаспората, ја препозна потребата од организирање на ваков тип на обука во соработка со ИОМ и Министерството за информатичко општество и администрација, имајќи ја предвид нашата улога во спроведувањето на Националната стратегија за соработка со дијаспората и веќе правосилниот договор за соработка со дијаспората меѓу Владата на Република Северна Македонија и општините, кој имав чест лично да го потпишам заедно со градоначалниците на општините, надевајќи се дека ова е само вовед во следното поглавје на широк опсег на функционални методи за поддршка на нашата дијаспора.
Канцелариите, врз основа на горенаведениот договор, веќе започнаа со нивната тековна работа, и истите можеме да ги сметаме како еден вид OneStopShop или како центри за дијаспората, кои ќе служат за олеснување и овозможување пристап до информации,погодности и можности од владините придобивки за сите засегнати. Потсетувам дека ваквите канцеларии се веќе воспоставена практика ширум Европа и постојано делуваат во насока на постигнување позитивни резултати.
Убеден сум дека овој транспарентен начин на креативно прилагодување на услугите за нашата дијаспора е единствениот пат кон постепено, но сигурно доближување на институциите до граѓаните од дијаспората, што ќе резултира во враќање на довербата на дијаспората кон државата.
Сакам сите досегашни предизвици и непредвидени околности да не се бројат како слабости, туку како мотивација и храброст за уште поголема посветеност и да послужат во иднина како фактори за успех, со што ќе ни се помогне да изградиме понатамошен ефикасен пристап во работата, а со тоа да ја надминеме евентуалната политичка поларизација.
На крајот ви посакувам да имате интересен ден за запознавање, за размена на меѓусебни искуства и за продуктивно дружење!