Реформи во земјоделието, инвестираме во рамномерниот регионален, локален и во руралниот развој
Преку конкретни мерки го стабилизиравме и го зголемивме домашното производство на храна, инвестиравме во проекти за рамномерен развој на планските региони и на општините, оваа година ќе биде година на најголема реформа во земјоделието. Ова беше истакнато на денешниот панел „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“ што се одржа во рамки на годишната конференција „Година на нови можности”.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека во 2022 година и во услови на криза, преку конкретни мерки е зголемено домашното производство на храна. За оваа година Николовски најави реформи во системот на субвенционирање во земјоделието.
„Новиот модел на субвенционирање е дел од најголемата земјоделска реформа, со која обезбедуваме побрз, поефективен и поефикасен модел за субвенционирање со што ќе го зголемиме домашното производство на храна. Основна субвенција за сите земјоделци која авансно ќе биде исплатена и дополнителна субвенција за оние кои обработуваат значајни култури. Како земја лидер по искористеност на ИПАРД 2 програмата, добивме за 62% зголемен буџет со новата ИПАРД 3 програма, односно 97 милиони евра наменети за модернизација и инвестиции во наредните 7 години“, истакна министерот Николовски.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов истакна дека владините политики се ориентирани кон граѓаните и во 2022 година, Владата преку Министерството за локална самоуправа и преку Бирото за регионален развој ги финансираше сите проекти за развој на општините и на планските региони.
„Средствата во Буџетот наменети за рамномерен развој на планските региони и на општините и во услови на криза не беа намалени, напротив, секоја година растат. Во само една година финансиравме 215 проекти. Склучени се договори за финансирање од Буџетот на државата на 150 проекти во општините во сите осум плански региони, седум проекти се финансирани со поддршка на швајцарската Влада, а 58 проекти од ИПА инструментот за прекугранична соработка. Секоја криза е поттик за барање на нови можности, целта е преку реални и конкурентни проекти да ги подобриме услугите и условите за живеење за сите граѓани“, рече министерот Пенов.
Министерот за дијаспора, Џемаил Чупи истакна дека Владата работи на воспоставување на трајни, институционални врски со дијаспората, како значаен ресурс во промовирање и поттикнување на развојот на државата. „И дадовме нов импулс на имплементацијата на Националната стратегија за соработка со дијаспората. Отвораме канцеларии за соработка во 23 општини. Дополнително, во секоја од овие општини ќе биде направено мапирање на дијаспората којашто може да даде свој придонес во развојот на науката и на економијата. Мапирањето ќе придонесе за идентификување на бизнис заедницата која ја сочинуваат видни претприемачи коишто се потенцијал за идни инвестирања со што ќе придонесат за поттикнување на локалниот и за развојот на државата“.
Ленче Николовска, директорка на “Агротим”, истакна дека во прилог на руралниот развој е и новиот модел на субвенционирање во земјоделството којшто успешно се применува во земјите членки на ЕУ. „Новиот модел на субвенционирање, преку настојајување на договорното производство, поддршка за младите земјоделци, инсистирање на здружувањето на земјоделските производители, модернизирање, дигитализација, поголема контрола на исплатата, авансна исплата е одговор на сите досегашни критики дека субвенциите не се користат правилно, не ги добиваат вистинските земјоделци и немаат развојна компонента. Со овој модел се поттикнува руралниот развој, којшто е еден од клучните приоритети во процесот на нашето интегрирање во Европската Унија“.