Достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира иднината
16 јуни, 2018 година
Почитувани сограѓани на Република Македонија во дијаспора.
Овие денови, сите ние, граѓаните на Република Македонија, тука, во државата, и во дијаспората, учествуваме и го испишуваме новото поглавје во нашата историја. Поглавје во кое со конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство го решаваме отвореното прашање меѓу Република Македонија и Република Грција, истовремено градиме пријателство и меѓусебна доверба меѓу двете земји и двата народи, кое никогаш не било поголемо.
Во нашите раце, во рацете на граѓаните е клучот за отворање на европска перспектива за економски развој и подобар живот за граѓаните. Перспективата и место во заедницата на европските народи за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на македонските граѓани.
Ставаме крај на тридецениски спор и излегуваме од стегите на изолацијата.
Сите ние храбро влегуваме во решавање на спор што земјата ја влечеше надолу. Кога се мислеше дека нема излез, ние се одваживме.
Пред нас е договор во кој е исцртана достоинствена визија за нашата земја и - ТРГНУВАМЕ НАПРЕД.
Договорот ги утврдува на ПРИЈАТЕЛСКИ начин интерпретациите на поимот МАКЕДОНИЈА, при што на достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на нашите граѓани.
Согласно ова, македонците имаат право да се определуваат како МАКЕДОНЦИ без никакви ограничувања.
Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати. Потврден македонски идентитет признаен од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Засекогаш.
Почитувани наши сограѓани во дијаспора.
Република Македонија е демократско општество со европски вредности, при што слободата на секој поединечно и на неговото право на изразување и на избор и е загарантирано.
До пред една година преовладуваше страв да се остварува ова право и тоа денес е минато.
Затоа велиме, граѓаните на Македонија се тие што ќе го дадат последниот збор со доистоинствено на референдум. Слободно.
Не дозволувајте да ве плашат и да ве поколебат за вашата иднина. Граѓаните во Република Македонија, каде и да се, не паметат од вчера.
Многу добро знаат дека во изминатите триесет години ниту имаше предлози, ниту решенија. Најмалку од оние што денеска се однесуваат неодговорно за иднината на нашата земја.
Ја отстранивме последната пречка за нашето членство во НАТО. Ние ќе бидеме 30 членка во НАТО.
Добиваме отварање на преговори со ЕУ. Доколку не го надминевме спорот со Грција, вратата за членство во ЕУ ќе останеше затворена.
Граѓаните го имаат последниот збор за договорот на референдум. Имаат можност сами да одлучат.
Силно веруваме дека ќе го направат вистинскиот избор.
Знаеме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.
Скопје, 16 јуни 2018 година
КАБИНЕТ НА МИНИСТЕР
ЗАДОЛЖЕН ЗА ДИЈАСПОРА